Над 2.500 Палестинци останаа без покрив над главата по израелските напади врз Газа

– Неодамнешната израелска воздушна офанзива врз Појасот Газа остави без покрив над главата 2.516 Палестинци.

Министерството за социјален развој на Газа соопшти дека меѓу оние кои ги изгубија своите домови 180 се деца.

Министерството апелираше до арапските, исламските и меѓународните организации да обезбедат помош за семејствата чии домови се уништени од израелските напади врз Газа.

Израел изврши петдневни воздушни напади врз Газа минатата недела во кои загинаа најмалку 33 Палестинци, а десетици беа повредени, според информациите на Министерството за здравство. Палестинските групи на отпорот возвратија со ракетни напади врз Израел, во кои загинаа најмалку двајца Израелци.

Израелската војска соопшти дека нејзината офанзива била одговор на истрелувањето ракети од палестинска територија по смртта на Палестинецот кој штрајкуваше со глад во израелски затвор претходно овој месец.

Нападите беа запрени на 13 мај со примирјето посредувано од Египет.

Во неделата, канцеларијата за медиуми при владата на Хамас, соопшти дека во израелските напади врз Газа оштетени биле 2.041 станбена единица.