Намалена казната на Тони, дијагностицирана зависност од обложување

Фудбалерот на Брентфорд и англиски репрезентативец Иван Тони доби намалување на осуммесечната суспензија што му беше изречена поради недозволено обложување. Казната, како што јавија британските медиуми, е намалена откако е утврдено дека фудбалерот е зависник од обложување.

Независната регулаторна комисија денеска објави детален извештај со појаснување за казната на Тони, во кој се наведува дека фудбалерот уплаќал пари во обложувалници дека ќе постигне гол или дека неговата екипа ќе загуби, и тоа го правел во период од четири години, од 2017 до 2021.

„Нема докази дека господинот Тони влијаел или воопшто бил во позиција да влијае врз резултатите на својата екипа кога се обложувал дека таа ќе загуби, бидејќи во тие случаи не бил во составот на екипата или не бил во можност да настапи“, пишува во извештајот.

Во ноември лани Тони беше обвинет за прекршувања на правилникот за обложување на англиската Фудбалска федерација, а минатата недела му беше изречена суспензија од сите фудбалски активности до 17 јануари 2024 година, откако призна вина за 232 од вкупно 262 случаи за кои се водеше истрага против него.

Откако лично беше сослушан пред независната комисија, Тони е казнет парично со 50.000 фунти и забрана за учество во фудбалски активности во својот клуб Брентфорд до 17 септември оваа година.

На сослушувањето присуствуваше и психијатарот Филип Хопли, кој кај 27-годишниот фудбалер на Брентфорд дијагностицирал зависност од обложување.