Напад на Израел: Едно лице загина, израелската армија соопшти: „Терористите се инфилтрираа во земјата, подготвени сме за војна“ (фото/видео)

Повеќе милитанти од Газа влегле на израелска територија, соопштија израелските одбранбени сили, набргу откако едно лице загина, а неколку други беа повредени во ракетен напад.

Одговорноста за ракетниот напад ја презеде палестинската милитантна група Хамас.

Ракетите ги активираа сирените на север до областа Тел Авив, на исток до Бер Шева и многу други локации помеѓу нив.

Воениот командант на Хамас, Мухамед Ал Деиф, објави снимена порака во која ја најавува операцијата „Бура Ал Акса“ и рече дека палестинската милитантна група „со 5.000 ракети ги таргетирала непријателските позиции, аеродроми и воени позиции“.

ИД ги предупреди Израелците кои живеат во близина на Газа да останат во своите домови.

– ИД соопштува подготвеност за војна. Имаше широко распространето ракетирање на израелска територија од Газа, а терористите се инфилтрираа на израелска територија преку различни влезни точки. Жителите на југот и во центарот на земјата мора да бидат во непосредна близина на заштитените подрачја, како и оние на периферијата на Газа – се наведува во соопштението на армијата.

ИД соопшти дека началникот на Генералштабот ја проценува ситуацијата од денес наутро и ги одобрува плановите за продолжување на операциите.

Во нападот е убиена 70-годишна жена, соопшти израелската спасувачка служба Маген Дејвид Адом (МДА).

Соопштено е дека во нападите се ранети 16 лица, од кои двајца се во критична состојба, шест се во тешка состојба, а седум се полесно повредени.

Ракета директно погоди и зграда во Ашкелон, а во овој град беа запалени десетици возила.

Израелските медиуми објавија дека вооружени лица отвориле оган врз минувачите во јужниот израелски град Сдерот, а снимките кои кружат на социјалните мрежи се чини дека покажуваат судири на улиците на градот. Ракетите биле истрелани денес наутро околу 6:30 часот по локално време кога повеќето Израелци веројатно спиеле.