Пет лица, меѓу кои три деца, се пренесени во болница по сериозен инцидент во Даблин, соопшти ирската полиција. Инцидентот се случил во центарот на градот нешто по 13:40 часот по локално време. Напаѓачот е фатен, пишува The Irish Times.
Ирската телевизија RTÉ објави дека повредите биле предизвикани од убодни рани. Настрада маж, жена и три малолетни деца. Областа е опколена и прогласена за место на злосторство.
Едно девојче и една жена се лекуваат со тешки повреди. Други две деца и еден маж се згрижени со полесни повреди, соопшти полицијата. „Пет жртви се пренесени во различни болници во регионот на Даблин“, изјави портпаролот на ирската полиција. „Меѓу жртвите има возрасен маж, возрасна жена и три мали деца“, додаде тој.
Локалните медиуми објавија дека луѓето биле нападнати со нож на плоштадот Парнел во Даблин, кој е блиску до главната улица во градот, улицата О’Конел. Полицијата го затворила пристапот до местото на настанот. „Ајриш тајмс“ објави дека главниот осомничен бил приведен и исто така бил повреден, веројатно самиот си го нанел. Според првите информации тој се обидел да нападне неколку млади луѓе и тие минувачи интервенирале.
Мотивот за нападот, кој се случил во близина на училиштето, се уште не е утврден, пишува „Ајриш тајмс“.
Еден од очевидците изјави дека на нападнатите деца им помогнале неколку лица и го разоружале мажот. Успеале да му го одземат големиот нож од раката на осомничениот и да го фрлат во тревата.