НАСА го објави извештајот: НЛО сè уште не се разјаснети

Дали постои интелигентен живот надвор од нашата планета? Дали нè посетуваат други суштества од универзумот? Неидентификуваните летечки објекти на небото дополнително ја поттикнуваат имагинацијата. Долгоочекуваната студија за нив ја објави американската вселенска агенција НАСА.

Неидентификувани летечки објекти или како што НАСА од неодамна ги нарекува: неидентификувани аномални феномени, сè уште не се разјаснети. Тоа е суштината на долгоочекуваниот извештај кој беше објавен во четвртокот.

Поконкретно, се наведува дека нема причина да се верува дека феномените на небото, кои со децении се нарекуваат НЛО, а предизвикуваат љубопитност и возбуда, би имале вонземјанско потекло.

„Главниот заклучок од нашата студија е дека треба уште многу да дознаеме. Независното тело на НАСА не најде докази дека овие феномени се од вонземјанско потекло, но не ни знаеме што всушност се тие. И затоа назначивме директор на Одделот за истражување на неидентификувани аномални феномени“, изјави директорот на НАСА, Бил Нелсон.

Минатата година беше формирана 16-члена комисија која ги разгледа фактите од безброј извештаи за НЛО, но податоците за овие настани се исклучително оскудни, рече директорот Нелсон. Тој додава дека постојано бараат докази за други форми на живот, минати или сегашни.

Независни експерти ја повикаа НАСА да го подобри истражувањето на НЛО

Работната група препорача во извештајот НАСА да го подобри своето собирање информации за неидентификувани аномални појави и да направи повеќе за да му помогне на Пентагон да ги детектира.

НАСА, во соопштението што го придружуваше извештајот, објави дека ги анализира заклучоците и препораките од извештајот на независните експерти, но сепак утврди нова позиција – директор за истрага на неидентификувани аномални феномени (НАФ).

Работната група на НАСА, составена од експерти во области од физика до астробиологија, го објави извештајот по одржувањето на првиот јавен состанок во јуни.

„НАСА има голем број постоечки и планирани средства за набљудување на Земјата и вселената, заедно со обемна архива на историски и тековни збирки на податоци, кои треба директно да се користат за разбирање на НАФ, се вели во извештајот.

„Иако на флотата сателити на НАСА за набљудување на Земјата обично и недостасува просторна резолуција за откривање релативно мали објекти како што се НАФ, нивните најсовремени сензори може директно да се користат за следење на состојбата на локалните земјени, океански и атмосферски услови кои просторно и временски се совпаѓаат со НАФ кои претходно биле откриени со други методи. На тој начин средствата на НАСА може да играат клучна улога во директното одредување дали факторите на животната средина се поврзани со некои пријавени НАФ однесувања или настани, се додава во извештајот.

Една од најголемите тајни на планетата

Во последните неколку години, американската влада неколкупати ги објави информациите што ги собра на оваа тема, за кои некогаш речиси никогаш официјално не се разговараше.

Новиот извештај ги нарекува НАФ-ни „една од најголемите тајни на планетата“.

„Ширум светот се забележани објекти на небото кои не можат да се идентификуваат како балони, летала или познати природни феномени, но ограничен е бројот на високо квалитетни податоци за истите појави. Природата на науката е да го истражува непознатото, а податоците се јазикот со кој научниците ги откриваат тајните на нашиот универзум, се вели во извештајот.

„И покрај бројните извештаи и видувања, недостатокот на конзистентни, детални и селектирани набљудувања значи дека во моментов немаме збир на податоци потребни за да донесеме дефинитивни, научни заклучоци за НАФ.

Мумии од вонземјани во мексиканскиот парламент

Два дена пред извештајот на НАСА во мексиканскиот парламент се одржа првата јавна расправа поврзана со вонземјански објекти или организми. Локален истражувач на овие појави пред пратениците изнесе два предмети, минијатурни, навидум скаменети фигури, за кои тврди дека се мумифицирани остатоци од вонземјани, со три прста на раката, откриени пред шест години во Перу.

„Ова е прв пат да се презентираат овие докази на овој начин и мислам дека ова јасно покажува дека се работи за примероци кои не се од човечко потекло, кои на никаков начин не се поврзани со некој друг вид од нашата планета и дека сега може да ги истражи која било научна институција, рече мексиканскиот новинар и истражувач на НЛО Хаиме Маусан.

„Ја препознав потребата за акција и одговори и го основав здружението Американци за безбеден воздушен простор. Сметаме дека неидентификуваните појави и аномалии се приоритет и за прашањето на безбедноста на воздушниот простор и за научно истражување. Нашата цел е да го подобриме јавното образование за овој проблем, да ја елиминираме стигмата и да ја зголемиме транспарентноста и отвореноста, изјави Рајан Грејвс, директор на здружението „Американци за безбеден воздушен простор“.

Истражителот Маусан тврди дека фигурите немаат земна ДНК и дека едната е стара околу 700 години, а другата околу 1800 години.

Расправата во Мексиканскиот конгрес е дел од процедурата за донесување на нов закон за заштита на воздушниот простор, кој за прв пат во светот би го предвидел и прифатил постоењето на вонземјански облик на живот на нашата планета.

ТРТ БАЛКАН