Полска забрани влез на возила со руски регистарски таблички

– Полскиот министер за внатрешни работи, Мариуш Камински, синоќа објави дека на возилата со руски регистарски таблички ќе им биде забранет влезот во Полска од полноќ.

Камински го изјави ова за време на прес-конференција во близина на границата со Белорусија, јави полската новинска агенција ПАП.

„И руските камиони се вклучени во оваа забрана. Сега го затвораме ова прашање. Ниту на едно руско возило нема да му биде дозволено да влезе во Полска.“

Тој додаде дека од полноќ па натаму ќе биде забранет влезот на патнички возила со руски регистарски таблички во Полска.

Забраната ќе важи за сите возила, и комерцијални и приватни, без оглед дали сопственикот на возилото е руски државјанин или државјанин на друга земја.

Претходно во петокот трите балтички земји Летонија, Литванија и Естонија, како и Финска, објавија забрана за влез на возила со руски регистарски таблички.

Полска е петтата земја што најави имплементација на оваа забрана.