Насим Харадинај привремено пуштен на слобода

– Претседателката на Специјализираните комори на Косово во Хаг, Екатерина Трендафилова, донесе одлука казната изречена за Насим Харадинај да ја измени и на 14 декември 2023 година или приближно на тој датум да се пушти на слобода.

Како што се наведува во соопштението од Хаг, Харадинај се пушта на слобода, со услови наведени во одлуката, кои остануваат на сила до истекот на казната од четири години и три месеци изречена од панелот на Апелациониот суд. Специјализираните комори на Косово пред два месеца одобрија предвремено пуштање на слобода на Хисни Гучати, кој заедно со Насим Харадинај беше осуден за попречување на правдата.

Претседателката Трендафилова ја донесе одлуката за ублажување или измена на казната на Харадинај на 12 октомври 2023 година.

Претседателката заклучи дека кривичните дела за кои е осуден Насим Харадинај несомнено се тешки, имајќи го предвид застрашувачкиот ефект што го имаше откривањето доверливи информации во однос на (потенцијалните) сведоци, но дека низа фактори говорат во прилог на измената на казната.

Конкретно, претседателката заклучи дека во текот на времето поминато во притворското одделение Харадинај имал можност да размисли за своите постапки и дека во извештајот на секретарот се наведува дека во изминатите неколку месеци се придржувал кон правилата што важат таму. Освен тоа, претседателката наведува дека Харадинај изразил каење и цврста решеност во иднина да се воздржи од дејства што би можеле да претставуваат кривични дела против правосудството и да се придржува до сите услови од одлуката за пуштање на слобода.

Кога ќе отслужи две третини од казната, осуденото лице се стекнува со услови за разгледување на можноста за ублажување или преиначување на казната, што не значи дека лицето има право на ублажување или измена на казната.

Лидерите на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гучати и Насим Харадинај, во мај 2022 година беа осудени за кривично дело попречување на спроведувањето на правдата, на четири години и три месеци затвор и парична казна од по 100 евра.

Насим Харадинај заедно со Хисни Гучати беше осуден поради тоа што на три конференции за медиуми, од 7 до 25 септември 2020 година, објавија доверливи документи на Специјализираните комори и Специјализираното обвинителство на Косово, вклучително и идентитетот на стотици заштитени сведоци. Тој е во притвор во Хаг од септември 2020 година.