“НАСКОРО ЌЕ ОБЈАВИМЕ РУСКА СТРАТЕГИЈА“ – Владимир Путин го предупреди Запад: “Не смеете да имате монопол на вештачката интелигенција“

Претседателот на Русија, Владимир Путин, во петокот предупреди дека не смее да му се дозволи на Запад да развие монопол на вештачката интелигенција (ВИ), најавувајќи дека наскоро ќе биде објавена поамбициозна руска стратегија на ова поле.

Соединетите Американски Држави и Кина го предводат патот во развојот на вештачката интелигенција, технологија за која многу научници и светски лидери предвидуваат дека ќе го трансформира светот и ќе го револуционизира општеството како што направија компјутерите на крајот на XX век.

Москва, исто така, има амбиции да стане велесила со вештачка интелигенција, но нејзините напори моментално се одложени поради војната во Украина, која принуди многу талентирани научници да ја напуштат Русија и предизвика западни санкции кои го запреа увозот на високотехнолошки производи, пишува медиумската агенција Reuters.

Говорејќи во Москва на конференција за вештачка интелигенција, заедно со директорот на „Сбербанк“, Герман Греф, Владимир Путин истакна дека е невозможно да се забрани вештачката интелигенција и предупреди дека би било опасно и неприфатливо да се дозволи западните платформи да развијат монопол во технологиите за вештачка интелигенција.

Како прв чекор, во многу блиска иднина ќе биде потпишан претседателски декрет и ќе биде усвоена нова верзија на националната стратегија за развој на вештачка интелигенција“, порача Владимир Путин на конференцијата.

Оваа стратегија ќе донесе значителни промени, вклучително и „проширување на фундаменталните и применети истражувања во областа на генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели“, најави рускиот претседател.

Русија треба да направи законски и инвестициски промени за да го поттикне развојот на вештачката интелигенција“, заклучи тој.