Наталија Митовска e нов генерален секретар на Град Скопје

За нов секретар на град Скопје ќе биде назначена Наталија Митовска, информираа од Град Скопје преку соопштение, откако денес е разрешен досегашниот секретар Зоран Глигоров.

Митовска била носител на високи раководни функции во Владата на Р.Македонија. Од 1998 година работи како советник на потпретседателот на Владата, а од 2000 до 2002 била помошник министер за внатрешни работи задолжен за меѓународна соработка и европски интеграции.

Митовска била и советник на генералниот директор на ЕЛЕМ од 2015-2019 година во период кога претпријатието ги бележеше најдобрите економски и оперативни резултати, има искуство во приватниот сектор со високи извршни позиции, како и работа како асистент професор по политички науки.

На позицијата секретар на градот Скопје доаѓа како професионалец кој може значително да придонесе кон работата на градската администрација и реализација на проектите од програмата За модерно Скопје, порачаа од Град Скопје.