Патот кон Бугарија поскапе за 31 милион евра

Со нови законски измени за дополнително финансирање ќе се довршува патот кон Бугарија, односно до граничниот премин Деве Баир. По скратена постапка преку Собранието ќе се бара од Светска банка дополнителен кредит од 31 милион евра.

Во 2023 година датумот за затворање на проектот е продолжен до 30 септември 2025 година. Актуелните договори за државниот пат кој гравитира околу Крива Паланка со Страбаг, Гранит и Бетон, претпријатие кое е во процес на стечај, истекуваат во мај следната година.

„Во фазата на реализација на проектот се појавија непредвидени работи, стабилизација на косини во усеци, појава на рударски тунели на самата траса, драстично покачување на цените на градежните материјали и слично, поради што се јави потребата од обезбедување на дополнителни финансиски средства, кои е проценето дека изнесуваат 45 милиони евра, со што вкупната вредност на проектот се зголемува и изнесува 118 милиони евра“, пишува во објаснувањето на предлогот.

Дополнително, предлагачот тврди дека од Светска банка се обезбедени 14 милиони евра како грант. Рокот на отплата за кредитот од 31 милион евра ќе биде 16 години со грејс период од три години. Парите ќе ги добие Јавното претпријатие за државни патишта.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пред две недели при посета на Крива Паланка рече дека се работи на експресниот пат, но не најави ново задолжување. Во меѓувреме беше распишан повик за изградба на главната фаза за железничко поврзување од Коридорот 8 со Бугарија.

„Работиме на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, инвестицијата е повеќе од 62 милиона евра. Исто така, во завршна фаза е проширувањето на државниот пат од Крива Паланка до Деве Баир, инвестиција од 12 милиони евра“, рече Бочварски.

Реконструкцијата на коридорот кој не поврзува со Бугарија првично требаше да заврши до 2022 со што требаше да имаме комплетно нова патна врска од Скопје кон нашиот источен сосед. Патот од Крива Паланка до Деве Баир од 13 километри е поделен на три под-делници, а вклучени се и конструкции на мостови.