НАТО верува дека Русија веќе минирала подводни цевки и кабли во Европа

Лидерите од НАТО веруваат дека е очигледно зошто Русија покажува толку голем интерес за подморската инфраструктура на европските нации и изрази сомнеж дека некои подводни кабли и цевките се можеби веќе минирани, пренесува „Брејтбарт“ цитирајќи истражување на скандинавските радиодифузери.

Во извештајот се цитираат воени инсајдери и тековната голема истрага на руската поморска активност и се посочува можоста дека руските сили ја саботираат европската критична инфраструктура.

Како што беше претходно објавено, руските поморски средства – кои често се навидум цивилни бродови со нормални, цивилни активности – се забележани како опсесивно пловат околу критичната инфраструктура.

Се вели дека предмет на интерес на овие бродови е суштинската опрема за одржување на модерниот свет, вклучувајќи ги тука високонапонските кабли за пренос на електрична енергија, гасоводите и нафтоводите, како и каблите за интернет податоци кои се протегаат по дното на морето.

Извештај на „Тајмс“ тврди дека лидерите на НАТО веруваат оти овие експедиции отишле подалеку од обичното извидување и ја минирале оваа инфраструктура за да експлодира по команда, можност што би претставувала „џокер во ракавот“ на Москва во случај Западот подиректно да се вклучи во руската војна во Украина.

„Од каде овој руски фокус на подморската офшор инфраструктура? Одговорот е очигледен. Ако Русија нападне една од нашите централи на копно, тоа ќе значи војна. Ако можат да саботираат некој од нашите подводни цевководи или кабли, тогаш – погледнете го Северен поток, сè уште не знаеме кој го стори тоа – можат да го негираат евентуалниот напад,“ вели неименуван офицер на НАТО цитиран во извештајот.

Во однос на саботажата на Северен поток 2, скандинавскиот извештај посочува дека неколку дена пред експлозијата минатата година, која го прекина протокот на нафта низ нафтоводот, во областа на експлозијата пловеле повеќе руски бродови, меѓу кои и еден способен за пуштање и враќање на подморници.

Во однос на ранливоста на другите гасоводи и инфраструктура на руски напади, офицерот на НАТО истакна:

„Некаде во Москва има луѓе кои седат и размислуваат за најдобрите начини да ги разнесат нашите цевководи или да ги исечат каблите. Нашата работа е да го направиме тоа скап и залуден потфат. Барем да направиме да не можат да негираат затоа што тогаш тоа е чин на војна“.