НАТО одобри испраќање дополнителни сили на Косово

Советот на НАТО одобри испраќање дополнителни сили на Косово и Метохија поради актуелната ситуација, соопшти денеска Северноатлантската алијанса.

„Од мај го зголемуваме присуството на силите на КФОР. Само вчера Советот на НАТО одобри дополнителни сили поради актуелната состојба“, се наведува во соопштението.

Советот на НАТО денеска одржа состанок на кој се разговараше за ситуацијата на Косово и Метохија, а членките на Алијансата изразија длабока загриженост за растечките тензии на северот.

Како што најави генералниот секретар на НАТО, мисијата КФОР одржува видливо и активно присуство на целата територија на Косово, се наведува на веб-страницата на Алијансата.

„Секогаш ќе ги преземеме сите неопходни активности за одржување на безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе кои живеат во Косово. Тоа го правиме непристрасно и во согласност со нашиот мандат од ОН“, се додава во соопштението, пренесува Танјуг.

Како што се додава, секогаш ќе се преземаат сите мерки командантот на КФОР да ги има сите потребни ресурси и флексибилност неопходни за мисијата да го исполни својот мандат.

„Подготвени сме да направиме дополнителни промени во составот на КФОР, во согласност со потребите“, се наведува во соопштението и се додава дека КФОР продолжува со координацијата во тесна соработка со сите релевантни актери во Белград и Приштина, како и со мисијата ЕУЛЕКС, ОБСЕ , УНМИК и дипломатската заедница.

„Ги повикуваме сите страни на итна деескалација. Ги покануваме Белград и Приштина да се вклучат во дијалог со посредство на ЕУ, како единствен начин да се решат важните прашања и да се дојде до решенија кои ги почитуваат правата на сите заедници. Ова е клучот за трајната безбедност на Косово и стабилноста во регионот“, се заклучува во соопштението на НАТО.