НАТО ја гради најголемата воена база во Европа на Балканот

Романија ја започна изградбата на најголемата европска воена база на НАТО. Трансатлантскиот блок се обидува да ги зајакне своите способности во регионот на Црното Море.

Проектот вреден 2,7 милијарди долари ќе ја прошири 57-та воздухопловна база на романските воздухопловни сили „Михаил Когалничеану“, лоцирана во близина на пристанишниот град Констанца на Црното Море. Новиот објект ќе има обем од речиси 32 километри, ќе се простира на околу 17 квадратни километри и ќе биде дом на околу 10.000 членки на НАТО и нивните семејства, пишува Newsweek.

Јуронујз извести овој викенд дека започнала работата на основната инфраструктура на базата, како што се пристапните патишта и електричната мрежа. Конечно, се очекува изградбата на неколку нови писти за поддршка на операциите на различни видови воени авиони.

Николае Крету, командантот на воздухопловната база, рече дека ќе има „хангари за одржување, складирање гориво, муниција, опрема, авионика, симулатори, капацитети за хранење, сместување — се што е потребно за поддршка на операциите и мисиите на оваа база“.

Букурешт се стреми кон поблиска соработка со своите сојузници во НАТО, особено со САД, додека Црното Море станува сè поинтензивна сцена на конфликт меѓу Украина и Русија , како и меѓу Москва и нејзините западни ривали.

Романија веќе се етаблира како сидро на НАТО и источното крило на ЕУ, рече премиерот Марсел Чолаку во јуни.

– Романија е, и ќе продолжи да биде сигурен сојузник на САД кој е посветен на стабилноста и мирот во Централна и Источна Европа. Решени сме силно да придонесеме за трансатлантската заедница и непоколебливо да ги поддржуваме демократските вредности и основните права и слободи – рече тој.