Натпреварувањето на нашиот регион со западните земји, Кина и САД е веќе остварлива цел, изјави премиерот на Бугарија Николај Денков

 Пред извесно време започнавме процес поврзан со промена на начинот на кој гледаме на нашиот регион на Балканскиот полуостров, да го гледаме како светски регион кој може да се натпреварува со западните земји, да се натпреварува со Кина, со САД. Нешто што некои би го сметале за шега пред 10 години, но сега е остварлива цел. Тоа е она што треба да го направиме, да покажеме дека заедно се развиваме, бидејќи Европа е силна кога сите нејзини региони се силни. Ова го истакна премиерот Николај Денков во поздравниот говор на информативниот ден за финансирање на високотехнолошки научни истражувања и иновации на Европскиот совет за иновации, во соработка со Министерството за иновации и раст (МИР), што се одржува денеска во Софија.

Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Премиерот изрази благодарност за програмите кои го поддржаа нашиот развој, во соработка со западните универзитети и истражувачки центри, за да се овозможи конкуренција со западните земји.

„Ова е силата на Европа – да можеме заедно да се развиваме“, нагласи премиерот Денков.

„Да, постигнавме голем напредок, но ако не се надоврземе на она што го направивме досега, нема да бидеме успешни. Тоа е она што се бара од нас во наредните години – да бидеме побрзи, посилни, поконкурентни, да бидеме многу поотворени за соработка со оние околу нас во Европа. Тогаш ќе бидеме успешни во сите наши потфати“, рече Николај Денков.

За него, Бугарија денес е сосема поинаква од она што беше пред 10 години, кога помалку од 10 проценти од децата во земјава беа запознаени со значењето на зборот „претприемништво“.

Благодарение на поддршката на ЕК, благодарение на личните заложби на многумина во државата, овој менталитет е веќе целосно променет“, посочи и премиерот.

На настанот денеска ќе бидат претставени различните насоки на програмата „Хоризонт Европа“ и можностите за поддршка на иноваторите и истражувачите во длабоките технологии.

Европскиот совет за иновации е најголемата иницијатива на Европската комисија за поддршка на иновациите во текот на целиот животен циклус, од истражување во рана фаза до докажување на концептот, трансфер на технологија, финансирање и зголемување на новите претпријатија и мали и средни претпријатија.

Преку своите три инструменти – Pathfinder, Transition и Accelerator, Советот обезбедува финансирање на научни организации, новоформирани и мали и средни претпријатија во форма на грантови и учество/инвестиции во капитал до 17,5 милиони евра по почетник-корисник . Организацијата има буџет од 10,1 милијарди евра за периодот 2021-2027 година.