Научниците докажаа дека загаденоста на воздухот предизвикува загуба на коскена маса

Новото истражување покажува загрижувачка врска помеѓу повисоките нивоа на загаден воздух и прогресијата на остеопорозата, болест која ги прави коските покревки и поподложни на фрактури.

Ризикот од остеопороза се зголемува со возраста, а особено е чест кај жените во постменопауза.

Затоа, истражувачите анализирале податоци од 9.041 жени во постменопауза во период од 6 години, фокусирајќи се конкретно на минералната густина на коските; што е индиректен показател за остеопороза и ризик од скршеници. Тие ги собрале нивните податоци и ги следеле нивоата на азот оксид, азот диоксид, сулфур диоксид и ПМ10 честички (загадувачки честички со дијаметар помал од 10 микрометри/μm) во областа каде што живеат.

Тие откриле дека како што се зголемува загадувањето, коскената минерална густина се намалува во сите делови на телото; вклучувајќи го вратот, ‘рбетот и колковите. „Нашето откритие потврдува дека лошиот квалитет на воздухот може да биде фактор на ризик за слабеење на коските, независно од социо-економските или демографските фактори“, вели биомедицинскиот научник Дидие Прада од Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Претходните студии покажале поврзаност помеѓу загадениот воздух и поголем ризик од фрактури на коските, како и поголемо намалување на коскената маса. Ова ново истражување дополнително ги потврдува тие наоди со податоци за жени во постменопауза и различни мешавини на загадување на воздухот, известува Science Alert.

Прада и неговите колеги особено ја нагласуваат врската помеѓу азот и коските на ‘рбетот. Скокот од 10 проценти на овој тип на загадување во период од три години е поврзан со просечно годишно губење на коскената минерална густина во лумбалниот ‘рбет од 1,22 проценти, двојно повеќе отколку за време на нормалниот процес на стареење.

Научниците веруваат дека тоа најверојатно се случува бидејќи коскените клетки „умираат“ за време на оксидативниот стрес, односно кога се уништуваат од токсични молекули од околината. „За прв пат имаме докази дека азотните оксиди конкретно придонесуваат за оштетување на коските“, рече Прада.

Треба да се напомене дека ова истражување покажува поврзаност, но не и причинско-последична врска помеѓу загадувањето на воздухот и губењето на коскената маса. Сепак, сѐ повеќе и повеќе студии ја поддржуваат таа теза. Истражувањето насловено како Air pollution and decreased bone mineral density among Women’s Health Initiative participants е објавено во списанието eClinicalMedicine.