Научниците открија нов метод за борба против клетките на ракот со користење на инфрацрвена светлина за стимулирање на молекулите на аминоцијанин, кои се покажаа како извонредни по нивната стабилност во водата и способноста да се прилепуваат на надворешноста на клетките.
На овој начин тие предизвикаа синхронизирани вибрации, ефикасно пробивајќи ги мембраните на клетките на ракот.
Истражувањето, спроведено од американски научници од Универзитетот Рајс, Универзитетот Тексас АиМ и Универзитетот во Тексас, беше објавено во списанието Нејчр Кемистри (Nature Chemistry).
Овој метод потенцијално го олеснува нехируршкиот третман на ракот на коските и органите.
Резултатите од експериментите спроведени на култивирани клетки на ракот, покажа дека оваа техника „молекуларен чекан“ има исклучителна стапка на успех од 99 отсто во уништувањето на канцерогените клетки, објави порталот „Саен Aлерт“.
Како што е наведено, методот бил тестиран и на глувци со тумори на меланом, а кај половина од нив биле уништени сите канцерогени клетки.
„Ова е првпат молекуларен плазмон да се користи на начин да возбуди цела молекула и да произведе механичко дејство што се користи за постигнување одредена цел – во овој случај, кинење на мембраната на клетките на ракот“, објасни хемичарот Ајала Ороско од Универзитетот Рајс.