Пожар во нуклеарна централа во Јапонија по земјотресот

Пожар избувна во нуклеарната централа Шига во Јапонија по разорните земјотреси кои денеска ја погодија земјата, јавија јапонските медиуми.

Пожарот избувнал на трансформаторот во нуклеарната централа и истиот е изгаснат, соопштија надлежните без да дадат информации за штетите и можните последици.

Да потсетиме, најсилниот земјотрес беше со јачина од 7,5 степени по Рихтеровата скала, му претходеше земјотрес од 5,6 степени, а потоа беа забележани повеќе од 40 земјотреси од кои најсилниот беше 6,2 степени според Рихтеровата скала.

Во многу области е издадено предупредување за цунами, а во тек е евакуација на одредени региони.

Повредени се голем број, а според последните информации шест лица се затрупани во урнатините на зградата која се урна во земјотресот.

Уништени се бројни патишта, што дополнително ги отежнува напорите на спасувачките екипи. Во некои делови избувна пожар, а без струја се околу 30.000 корисници.

Да потсетиме, јапонската нуклеарна регулаторна управа (НРА) објави дека нема проблеми со реакторот во ниту една од нуклеарните централи во областа погодена од разорните земјотреси.