Научниците развиле нов антибиотик против смртоносната „супербактерија“

Лекот содржи молекула, која научниците ја издвоиле од околу 45.000 синтетички пептиди, што ги спречува липополисахаридите во супербактеријата да создадат надворешна мембрана која не им дозволува на антибиотиците да делуваат

Научниците од фармацевтската компанија Рош развија нов антибиотик „зосурабалпин“ (zosurabalpin), кој може да ја надмине отпорноста на супербактеријата позната како Ацинетобактер баумани (Acinetobacter baumannii).

Оваа супербактерија е идентификувана од Светската здравствена организација како итна закана за која се неопходни нови антибиотици, бидејќи бактеријата брзо се шири во болниците и е отпорна на постоечките третмани.

Тимот научници, предводен од Мајкл Лобрик и Кенет Бредли, пребаруваше база на податоци од околу 45.000 синтетички пептиди, молекули кои обично не се основа на повеќето антибиотици, добиени од природата.

Меѓу нив, тимот идентификувал неколку молекули со антибактериска активност, меѓу кои избрал една, која потоа ја оптимизирал за да ја подобри нејзината ефикасност и безбедност.

Лекот, кој веќе излечи глувци од пневмонија предизвикана од Ацинетобактер баумани, почна да се користи кај луѓето, во првата фаза од испитувањето, за да се тестира неговата безбедност при лекувањето на луѓето.

Зосурабалпин ја надминува одбраната што обично ја прави оваа бактерија отпорна преку блокирање на транспортот на молекули, липополисахариди, до површината на бактериите, каде што е неопходно да се создаде надворешната мембрана на овие микроорганизми.

Тоа го постигнува со совладување на само една од двете мембрани што ги имаат грам-негативните бактерии. Без таа надворешна мембрана, Ацинетобактер баумани има помала веројатност да преживее и станува чувствителна на други антибиотици, кои може да се комбинираат со зосурабалпин за лекување на овие типови на инфекции.

Посебна студија, исто така објавена во списанието Нејчер (Nature), додава информации за тоа како транспортниот систем на липополисахаридите работи на површината на клетката за да ја создаде надворешната мембрана и како новиот антибиотик ја блокира.

Ова знаење ќе се користи за пребарување на нови соединенија насочени кон деактивирање на овој механизам и создавање алатки против отпорност на бактерии, проблем кој, според некои проценки, може да биде водечка причина за глобална смрт во 2050 година.

TRT Balkan