– Националниот парк „Галичица“ ќе изработи сеопфатна база на податоци со идентификувани илегални објекти на целата територија на паркот.
Предвидено е со мапата да бидат опфатени околу илјада хектари површина на урбани делови во паркот. Мапирањето ќе се изврши со дрон, а со помош на софтверски алатки ќе бидат изготвени карти со висока разолуција. Истовремено ќе се врши анализа на снимениот материјал со идентификација на сите илегални објекти во паркот.
Од установата посочуваат дека изготвената база на податоци и креираните мапи ќе бидат проследени до сите релевантни институции во земјата.
За оваа активност ќе се користи опрема донирана од Шпанската амбасада. Во 2022 година, Националниот парк „Галичица“ и Амбасадата на Кралството Шпанија започнаа соработка, при што Амбасадата му донираше на националниот парк компјутер со високи перформанси и соодветен софтвер за креирање на ортофотомозаични карти.
Прекумерната урбанизација на делови од Националниот парк „Галичица“ е една од забелешките посочени во извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО за Охридскиот регион.