Началникот на Генералштабот: „Борбената готовност на Армијата е на потребното ниво“

– Претседателот на Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, беше информиран за борбената готовност и реализацијата на плановите и задачите на Армијата на Северна Македонија во текот на 2023 година.

Во соопштението испратено од Генералштабот на Армијата се вели дека за време на брифингот, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и директорот на Генералштабот пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, генералите во Армијата, претставници од Кабинетот на претседателот и раководните лица во Министерството е претставена состојбата во Армијата според функционалните области кои влијаат на борбената готовност.

„Во заклучокот од страна на генералот Ѓурчиновски е констатирано дека борбената готовност на Армијата е на потребното ниво кое овозможува успешно извршување на задачите и дека во тековната година успешно се реализирани сите планирани задачи. Притоа е истакнато дека командите и единиците на Армијата навремено и професионално ги реализираа сите планирани активности во изведување на обуката според стандардите на НАТО, како и дека процесот на трансформација и модернизација и учеството во операциите во странство се спроведуваат со планираната динамика“, се вели во соопштението.

Пендаровски истакна дека и во 2023 година припадниците на Армијата ја докажале својата професионалност, посветеност и подготвеност. Тој ги реафирмираше своите заложби за натамошно подигнување и одржување на квалитетен стандард и услови за работа и служба на сите припадници на Армијата и за достигнување на зацртаната цел, два отсто од БДП да се одвојува за одбраната.

Министерката Петровска на годишниот редовен брифинг за борбената готовност на Армијата порача дека и во 2024 година ќе продолжи стабилното инвестирање во одбраната и во Армијата. „Следната година“, рече Петровска, „Северна Македонија со 2 % од БДП одвоени за одбрана и една третина од овие средства за модернизација, ќе ги исполни двата критериуми кои беа заеднички усвоени на Самитот на НАТО во Вилнус.“

– Активностите на Армијата на Северна Македонија

Армијата на Северна Македонија во текот на 2023 година со околу 700 свои припадници учествуваше на повеќе меѓународни вежби во земјата и во странство, меѓу кои земјата беше домаќин на вежбата „Брз одговор 23“, што се изведуваше на АП „Криволак“ и на која учествуваа околу 1.850 припадници на армиите на четири НАТО-земји.

Во меѓународните операции, Армијата на Северна Македонија годинава учествуваше во операциите на НАТО „КФОР“ во Косово, „Зајакнато истурено присуство“ во Летонија и т.н. „Активности на зголемена будност“ во Бугарија и Романија, мисијата на ЕУ „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, мисијата на ОН – „УНИФИЛ“ во Либан со учество на штабни офицери, каде што учеството се зголеми на два пешадиски вода и штабни старешини.

Армијата во текот на годината ја покажа и својата солидарност со НАТО-сојузниците со ангажирање на своите припадници во справување со последиците од природните катастрофи. Покрај учеството на 60 припадници во активностите за пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните од катастрофалниот земјотрес во Република Турција, 100 припадници на Армијата учествуваа во справувањето со последиците од поплавите во Словенија.