,,Нашата земја нема да го преживее тоа” – Трамп го нападна Бајден како никогаш досега: „Неспособен и најлош претседател во историјата на САД“

Кандидатот за претседателска номинација на Републиканската партија, Доналд Трамп денеска изјави дека Соединетите Американски Држави нема да преживеат доколку Џо Бајден повторно стане претседател на државата.

– Според мене, најлошото нешто што може да се случи е Бајден повторно да стане претседател. Искрено, од многу причини нашата земја не би го преживеала тоа – изјави Трамп во интервју за Фокс њуз.

Тој додаде дека Бајден е „неспособен и најлошиот претседател во историјата на САД“.

– Сите го знаат тоа – рече Трамп.

Коментирајќи го фактот дека Бајден неодамна ја доби поддршката од синдикатот на работниците во автомобилската индустрија UAW, Трамп рече дека, нема да има повеќе работници во автомобилската индустрија во САД , но „сето тоа ќе оди во Кина и други земји“.

Тој посочи дека доколку повторно стане претседател, ќе воведе царини за увезената стока од Кина, додавајќи дека тие би можеле да изнесуваат повеќе од 60 отсто.

– Мораме да го направиме тоа – рече Трамп.

Поранешниот американски претседател предупреди и на развојот на вештачката интелигенција, велејќи дека тоа е „страшно“.

– Пред некој ден видов како ми направија лажна снимка како зборувам за некој производ. Не можете ни да ја разликувате. Мора да се направи нешто во врска со тоа, и тоа брзо – рече Трамп.

Тој изјави дека технологијата за вештачка интелигенција може да се злоупотреби на различни начини, вклучително и војни, додавајќи дека напредокот во развојот на технологијата е „огромен проблем“.