– Наша цел е да се стабилизира мнозинството во Собранието, да се зајакне Владата за во оваа година од мандатот да влеземе во реформи, во стабилизација на државата од кризите кои траат три години една по друга, како што беа здравствената, енергетската и економската, но и обезбедување на блок за европска Македонија кој ќе донесе потребни реформи, да го комплетира скринингот, да направи простор за натамошната фаза на преговори и да создаде услови за двотретинско мнозинство за носење на потребните уставни измени.
Ова е пораката од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во вечерашнава емисија Вин Вин на телевизија Телма.
– Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не пропушта прилика да го испразни Собранието од суштина и едноставно да ги одолговлекува процесите, рече Маричиќ.
Тоа, додаде Маричиќ, го гледаме и со седницата за реконструкција на Владата каде гледаме едни исто говори со исти поенти, кои имаат за цел да купат време и можеби да создадат некаква нервоза кај владата.
Осврнувајќи се на проширувањето на парламентарното мнозинство Маричиќ порача дека тоа со прави со цел да се зајакне европскиот фронт, додавајќи дека блокадите на ВМРО-ДПМНЕ не се ништо ново и траат веќе три години.
– Вратата за разговор никогаш не е затворена, но тие одбиваат пет години да бидат дел од решението. Денес за да се дефокусира од темата за разговор, за дијалог и под кои услови би можеле да поддржат уставни амандмани кои произлегуваат од преговарачката рамка, постојано повторуваат барање за предвремени парламентарни избори, рече меѓу другото вицепремиерот за европски прашања.
Во однос на францускиот предлог, Маричиќ наведе дека тој предлог не е идеален, меѓутоа ни дава шанса во многу точки да бидеме на паритетна и реципрочна основа со Бугарија и да дејствуваме реципроцитетно.
– Историската комисија сметам дека ние е голема предност затоа што таму седат стручни лица, на кои не можат политичарите да им диктираат и никогаш не им диктирале што да кажат, изјави вицепремиерот Маричиќ.
Според вицепремиерот Маричиќ, политичарите од бугарска страна, а и нашите во најголема мера се коректни, особено официјалните лица од Владата и од државата, не сме биле досега причина за провокација. Имаме политички фактори, подвлече, што намерно влегуваат во провокација на Македонците и на Северна Македонија за да испровоцираат наша реакција, за тоа да биде тема во Бугарија.
-Она што за жал, по мене е крупна и клучна грешка од бугарската страна, тоа е посетата на Петков на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Тоа беше пресвртната точка што ги одведе работите во еден погрешен правец. Инаку, сметам дека до тогаш имавме сериозни резултати, кои ја сменија перцепцијата за Бугарија во Северна Македонија и обратно и ги зближија и народите и владите за да можат да решат проблеми што се од животно значење, појаснуваше Маричиќ.