Повеќето од нас сакаат да живеат долг и здрав живот, а луѓето во одредени делови на светот всушност успеваат, во просек, да живеат многу подолго од другите. Истражувањата покажуваат дека Јапонците во просек живеат најдолго, а потоа следат Швеѓаните и Норвежаните.
„Постојат голем број фактори кои придонесуваат, вклучувајќи ја исхраната, нивото на физичка активност, здравствената заштита и системите за поддршка во овие земји“, изјави д-р Раши Агарвал за Yahoo Life.
Во продолжение ви ги наведуваме нивните шест навики.
Јадат претежно растителна храна
Истражувањата покажуваат дека исхраната богата со главно растителна храна и сиромашна со месо е корисна за долговечноста. д-р. Агарвал советува да се избегнува црвено месо, преработена и брза храна. Исто така, важно е да се консумира многу зелен, лиснат зеленчук, бобинки и друга храна богата со фитонутриенти.
Одвојуваат време за оброци
Денес сме премногу зафатени, поради што често јадеме во движење. Сепак, појадокот, ручекот и вечерата треба да бидат моменти од денот кога застануваме и јадеме свесно. Ова може да помогне да се намали ризикот од прејадување, што може да доведе до вишок телесни масти и да го зголеми ризикот од сериозни здравствени состојби.
Тие се активни
Вежбањето е важно за физичкото, но и за когнитивното здравје. Насоките на Светската здравствена организација препорачуваат најмалку 150 минути физичка активност со умерен интензитет и два дена активност за зајакнување на мускулите неделно. Исто така, добро е да се движите секогаш кога е можно. На пример, наместо да одите со лифт до станот, користете ги скалите. Исто така, пешачете дел од патот до работа.
Се дружат
Менталните здравствени состојби, како што е депресијата, се поврзани со пократок животен век. Осаменоста и социјалната изолација, исто така, можат негативно да влијаат на здравјето и се на исто ниво со дебелината, физичката неактивност и пушењето, велат од Центрите за контрола и превенција на болести.
Тие не ја занемаруваат важноста на спиењето
Истражувањата покажуваат дека недостатокот на сон, особено во средната возраст, може да го зголеми ризикот од развој на деменција за 30 проценти. Генерално се препорачува возрасните да спијат седум до девет часа секоја вечер.
Подалеку од стрес
Стресот е неизбежен, но важно е да се справиме со него најдобро што можеме. Медитирајте, пробајте техники за длабоко дишење и пронајдете ги работите што ги цените во вашиот живот.