Најмалку тројца загинати во зградата што се урна во Шпанија

 Надлежните служби извлекоа тела на три лица од делот на зградата што се урна вчера во шпанскиот град Бадалона.

– Најдовме три тела во урнатините на зградата во Бадалона, напиша денеска регионалната противпожарна служба на X.

Дел од зградата се урна вчера околу 10 часот и 30 минути, по првичното уривање на поткровјето, што предизвика дополнително уривање на становите.

Ксавиер Гарсија Албиол, градоначалник на Бадалона, крајбрежен град северно од Барселона, рече дека спасувачите пронашле тела на маж и две жени, од кои едната била самохрана мајка.

– Мајката пристигнала од Источна Европа со две мали ќерки, кои сега останаа сами, рече градоначалникот. Тој додаде дека починале и жена на 50-годишна возраст и маж на возраст од триесет години, кој неодамна станал татко.

Локалните медиуми јавија дека се работи за зграда со 20 стана која е изградена во 1959 година и неодамна поминала безбедносна инспекција.