Најмалку 110 лица загинаа во шумските пожари што го зафатија Чиле

– Најмалку 110 лица загинаа, а 1.600 останаа без покрив над главите во шумските пожари во централниот чилеански регион Валпараисо, соопштија локалните власти.

Алваро Хормазабал, директор на Националната служба за превенција и одговор при катастрофи, изјави дека вчера во Чиле имало 161 активен пожар.

Ботаничката градина основана 1931 година во градот Виња дел Мар речиси целосно е уништена во пожарот.

Властите повикаа илјадници луѓе да се евакуираат од своите домови и воведоа полициски час во градовите што најмногу се погодени од пожарите за да се ослободат патиштата, овозможувајќи им на спасувачките тимови да стигнат до погодените подрачја. На социјалните мрежи кружат вознемирувачки слики на стотици изгорени автомобили.

Повеќе од 200 луѓе се сметаат за исчезнати во Виња дел Мар и околината, популарна област во регионот за туристите во текот на летните празници.

Претседателот на Чиле, Габриел Бориќ, предупреди дека бројката на загинати би можела да се зголеми бидејќи големите пожари и понатаму се активни во Валпараисо, каде што пожарникарите се борат да стигнат до густо населените подрачја што се зафатени со огромен пламен.

По обиколката на погодените подрачја, Бориќ прогласи дводневна национална жалост поради настраданите во пожарот. Претседателот на Чиле изјави дека силните ветрови им отежнуваат на пожарникарите да ги контролираат шумските пожари, кои веќе уништија 8.000 хектари шумски и урбани подрачја.

Пожарите избувнаа во време на високи температури во оваа јужноамериканска држава, поради појавата на Ел Нињо, кој предизвика високи температури и шумски пожари во неколку земји на Латинска Америка, вклучително и Колумбија, Еквадор и Аргентина.