Најмалку 15 загинати и 50 повредени при излетување на воз од шините во јужен Пакистан

Најмалку 15 патници загинаа, а 50 се повредени денеска кога воз излета од шините во Пакистан, соопштија локалните власти.

Возот патувал од Карачи до Равалпинди кога сите десет вагони излетале од шините во близина на железничката станица Сархари во близина на Навабшах, во јужната провинција Синд.

Официјални лица изјавија дека спасувачките тимови ги однеле повредените патници во блиската болница во Навабшах.

Висок официјален претставник на железницата изјави дека поради несреќата биле прекинати железничките линии на главната железничка пруга. На патниците во возот ќе им се обезбеди алтернативно патување и медицинска нега.

Железничките несреќи често се случуваат на лошо одржуваните пруги во Пакистан, каде што комуникациските и сигналните системи од колонијалната ера не се модернизирани, а безбедносните стандарди се лоши.