Најмалку 7 лица, главно деца и жени, загинаа во израелски воздушен напад врз бегалски камп во Газа

– Најмалку седум цивили, главно деца и жени, загинаа во израелскиот воздушен напад врз бегалски камп во централниот дел на Појасот Газа во текот на ноќта.

Повеќемина се повредени кога во израелското гранатирање е нападната куќа во бегалскиот камп Нусејрат, јави државната палестинска новинска агенција Вафа, повикувајќи се на локални извори.

Жртви се пријавени и од израелското гранатирање врз друга куќа во подрачјето на Ал-Зувеида во централниот дел на Појасот Газа.

Израелските воздушни напади се извршени и врз центарот на градот Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.

Минатата недела израелската Армија им нареди на Палестинците кои живеат во бегалскиот камп Нусејрат и другите подрачја веднаш да ги напуштат своите домови и да се упатат кон градот Рафа во јужниот дел на Газа.

Израел започна голема воена кампања во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, при што според здравствените власти во Газа, досега загинати се најмалку 21.110 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се 55.243.

Според официјалните податоци, околу 1.200 лица загинаа во Израел.