Најмлад милионер во земјава – Осумгодишно дете

Дете кое имало осум години, во 2021 година бил најмладиот милионер со остварен доход од 1.020.508 денари во Македонија. Во меѓувреме, лице кое било на возраст од 96 години остварило доход во износ од 1.281.278 денари. Кај двете лица најголемиот дел од приходот бил по основ на пензија, според анализата на годишна даночна пријава – највисок доход во 2021 на Управата за јавни приходи (УЈП).

Над 100 милиони денари приход оствариле 25 лица, додека 757 лица оствариле приход меѓу 10 и 100 милиони денари. Околу 50 илјади или 49.120 лица оствариле приход меѓу 1 милион и 10 милиони денари, додека мнозинството од 623.690 лица оствариле приход од 100 илјади до 1 милион денари. Од 10 до 100 илјади денари приход оствариле 79.076 лица, додека 35.975 лица оствариле приход до 10.000 денари.

На врвот на листата со највисок годишен бруто доход е граѓанин од Скопје кој пријавил 244.2 милиони денари.

Највисоката годишна бруто плата во 2021 година исплатена е на граѓанин од Скопје, се посочува во анализата на УЈП, и се додава дека платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 122.3 милиони денари.

Највисокото лично примање по основ на извршена работа изнесува 121.8 милиони денари на годишно ниво, а доходот е остварен во странство.

За 2021, Управата за јавни приходи изготви и достави пополнета годишна даночна пријава за 788.643 граѓани. Искажаниот годишен бруто доход во пријавите изнесува 366.629.422.926 денари, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 22.360.218.064 денари. Во однос на 2020 година вкупниот приход на граѓаните во 2021 година е за 35.4 милиони денари повисок, следствено на тоа и данокот на личен доход е 2.7 милиони повисок во 2021 година, велат од УЈП.