Најробусниот „Мерцедес“ ќе биде повлечен, поради сопирачките

 „Мерцедес“ го повлекува своето најробусно и едно од најскапи возила заради сервис. Како што соопштија од германската компанија, по истрага е утврдено дека треба да се сервисираат 26.116 автомобили од класата „Г“. Станува збор за 11.018 единици „Г550“ и 15.098 „Г63С“, произведени меѓу 22 јуни 2018. и 23 декември 2021 година.

Неисправност на сопирачките, односно на работата на „АБС“ и „ЕСП“-системите, беше забележан на некои примероци уште лани во февруари. Месец дена подоцна, „Мерцедес“ откри проблем со контактот меѓу жиците и ѕидот на ладилникот за масло, што може да доведе до натамошно оштетување.

Инженерите потоа одлучија да вметнат заштитна черупка за да спречи директен контакт со компонентите. Бидејќи се утврдило дека триењето може да резултира со неисправна работа и активирање на предупредувачките светла на „АБС“ и „ЕСП“-системите, паднала одлука за повлекување. Предметните возила се произведени во Австрија за американскиот пазар, објави „НХТСА“ (NHTSA).

Досега се добиени 12 пријави за неисправност, но за среќа, нема пријавени сообраќајни незгоди предизвикани од овој проблем со сопирачките.