Компанијата Норс Атлантик Ервејс објави дека влегла во историјата како прва авиокомпанија што слетала на Антарктикот со Боинг 787 Дримлајнер.
Во епски лет, како што нагласија од компанијата, авионот полетал од Норвешка и ја завршил првата етапа од патувањето до Јужноафриканската Република. По стратешкото застанување, авионот го продолжил патувањето кон Антарктикот, каде што слетал на аеродромот Трол.
Според Норвешкиот поларен институт, ова бил најголемиот патнички авион кој слетал во оваа област. Пистата на која слета авионот е долга три километри и широка 60 метри.
„Меѓу 45-те патници имало и научници од Норвешкиот поларен институт. Исто така, авионот превезувал 12 тони опрема“, се наведува.
За слетувањето на авионот зборуваше и директорот на Норс Атлантик Ервејс Бјорн Торе Ларсен.
„Голема чест и возбуда во име на целиот нордиски тим е што заедно го постигнавме значајниот момент на слетувањето на првиот 787 Dreamliner. Во духот на истражувањето, горди сме што учествуваме во оваа важна и единствена мисија, вистински доказ за нашите високо обучени и квалификувани пилоти и екипаж, како и нашите врвни авиони Боинг“, изјави тој.