На барање на Володимир Зеленски: Советот НАТО – Украина ќе расправа за транспортот на украинското жито преку Црното Море
„На барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Советот НАТО-Украина ќе одржи состанок во среда на кој ќе се разговара за транспортот на украинското жито преку Црното Море“, соопшти денес портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
Таа на својот профил на социјалната мрежа Твитер, објави дека тоа ќе биде прва седница на Советот формиран на Самитот на НАТО во Вилнус на 11. и 12. јули. Состанокот ќе биде на амбасадорско ниво.
Володимир Зеленски претходниот ден побара до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да го свика Советот НАТО-Украина што е можно поскоро поради, како што наведе – „агресивните дејствија на Русија во Црното Море“.
„Секоја дестабилизација и нарушување на извозните рути ќе предизвика проблеми со соодветни последици за сите во светот. Кризата со цените е најмалата од можните последици“, предупреди Володимир Зеленски.
Тој им предложи на Турција и на ОН коридорот за жито во рамките на Црноморската иницијатива за жито да продолжи да функционира без Русија.
Официјална Москва соопшти дека ги повлекува гаранциите за безбедност на бродовите во рамките на Иницијативата за црноморско жито, која истече на 17. јули.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе ја разгледаат можноста за враќање на договорот за жито само доколку условите на Русија бидат целосно исполнети.