На британската армија ѝ недостигаат 17 милијарди фунти

Британските вооружени сили се соочуваат со недостиг од 17 милијарди фунти (21,6 милијарди долари) во финансирање на опрема во следните 10 години.

Ова денеска го соопшти британската национална ревизорска канцеларија (НАО), која е надзорно тело за јавната потрошувачка.

НАО истакна дека проценетите трошоци за ново оружје и опрема ќе изнесуваат 305,5 милијарди фунти за периодот од 2023 до 2033 година, што е за 16,9 милијарди фунти повеќе од проектираниот буџет и претставува најголем дефицит од првиот извештај на телото во 2012 година.

НАО истакна дека трошоците за одбрана на Велика Британија се зголемуваат поради зголемените трошоци за нуклеарните и поморските програми, објави Ројтерс

Војната во Украина предизвика зголемување на воените трошоци ширум Европа, а Велика Британија испорача голема воена помош на Киев.

Британската влада ги зголеми трошоците за одбрана за дополнителни пет милијарди фунти претходно оваа година на околу 2,25 отсто од БДП оваа и следната година, што е повеќе од два отсто претходно.

„Министерството за одбрана признава дека неговиот план за воени набавки од 2023 до 2033 година е недоволно финансиран“, рече шефот на НАО, Герет Дејвис.