Повеќе слики од ерупцијата на вулканот во Индонезија каде загинаа 11 планинари

Единаесет алпинисти беа пронајдени мртви во понеделникот, а 12 се уште се водат како исчезнати по ерупцијата на вулкан во Индонезија.

Спасувачите работеа во текот на ноќта за да пронајдат десетици планинари заробени на планината Марапи на островот Суматра.

Мртвите планинари биле пронајдени во близина на кратерот Марапи, откако вулканот висок 2.891 метар исфрлил пепел во околните села, според локален претставник на спасувачките служби.

Дванаесет лица се водат како исчезнати, три други се пронајдени живи, а 49 безбедно се симнале од кратерот, некои со изгореници и скршеници, рече официјалниот претставник.

„Не можеме да извршиме воздушна потрага со хеликоптер бидејќи експлозијата е во тек“, изјави шефот на локалната агенција за спасување Абдул Малик, пишува РЕЛ.

Тој нагласи дека во потрагата се вклучени околу 120 лица.

Останатите три лица кои беа пронајдени живи не се симнале од планината заедно со 11-те загинати.

Тие тројца преживеани беа пронајдени во близина на кратерот и „нивната состојба беше лоша, а некои имаа изгореници“, рече Малик.

Портпаролот на локалната агенција за спасување Џоди Харјаван изјави дека спасувачките напори биле прекинати поради спорадични експлозии, но потрагата се уште е во тек, и покрај опасностите.

Додека шефот на Агенцијата за ублажување на катастрофи на Западна Суматра, Руди Риналди, изјави за АФП дека некои од спасените планинари се здобиле со изгореници.

„Оние кои се повредени се оние кои се приближија до кратерот“, рече тој.

Најмалку осум лица се здобиле со изгореници, едното имало изгореници и скршеница, а другото имало рана на главата, според списокот на оние пронајдени од Басарнас, национална агенција за пребарување и спасување.