На Германија и недостигаат 65.000 работници во рестораните и хотелите на сред сезона

„Недостигот на работна сила е на врвот на причината за загриженост кај хотелиерите и рестораните“, велат од Здружението на германски хотелиери и ресторани (Дехога), пренесува Дојче веле .

Во моментов има 33.160 работни места во угостителството и хотелиерството во Канцелариите за вработување низ Германија. Но, Дехога тргнува од двојно поголема бројка. „Многу ресторани и хотели веќе не ни пријавуваат во канцелариите за вработување дека им требаат работници, бидејќи не ни очекуваат дека канцеларијата ќе ги испрати“, вели Сандра Варден, која е задолжена за трендовите на пазарот на труд во Дехога.

Како да се вратат работниците и да се најдат нови?

Својата оценка за недостигот од работници Варден ја базира на искуствата од изминатите години. „2019 година исчезнаа околу 40.000 работници во угостителството и хотелиерството. Но, за време на пандемијата на коронавирус, ситуацијата стана уште полоша“, вели Ворден. За време на пандемијата и затворањето на продавниците, многу работници во оваа индустрија најдоа вработување во друг, обично подобро платен, сектор. Побарувачката за работници драстично се зголеми, особено сега, среде сезона на годишни одмори.

Скратено работно време и помалку јадења на менито

Германците најчесто летуваат во татковината, но оваа година често наидуваат на затворени врати на угостителските објекти во местата каде што летуваат. „Многу ресторани и кафулиња прибегнуваат кон различни мерки: го скратуваат работното време или прават пауза на неколку дена во текот на неделата. Или поради недостиг на персонал во кујната драстично го скратуваат менито“, вели Ворден.Во некои објекти се воведува систем за самопослужување затоа што едноставно недостигаат келнери.

Последната надеж: имиграцијата

Дехога има најголема надеж во прифатениот реформиран закон за имиграција, кој ќе овозможи полесна имиграција од земјите надвор од Европската унија за работниците без високо образование, но и полесен пристап до пазарот на труд за бегалците. Во Дехога сметаат дека е потребно да се работи на подобрување на имиџот за вработување во оваа гранка. Не се споменува зголемување на платите, кои се релативно ниски во угостителството и хотелиерството. Според податоците на онлајн порталот за вработување Stepstone, квалификуван готвач може да смета на месечна бруто плата од околу 2.600 евра.