На Западниот Брег израелски војници убија 16-годишен Палестинец

Синоќа е убиен 16-годишен Палестинец кој наводно фрли молотов коктел врз воен контролен пункт на Западниот Брег, соопштија израелската армија и палестинските здравствени власти.

Министерството за здравство на палестинските власти соопшти дека момчето, Амир Мамун Одех, било застрелано во градите на периферијата на окупираниот град Калкилија на Западниот Брег.

Воен портпарол изјави за израелските медиуми дека Палестинец се приближил до воениот контролен пункт во близина на безбедносната ограда формирана околу Западниот Брег кај Калкилија, а потоа фрлил молотов коктел врз војниците „од непосредна близина“. Војниците кои „почувствувале дека се во опасност“ отвориле оган врз Палестинецот и тој бил погоден.

Ниту еден војник не е повреден во тој инцидент, јавија денеска израелските медиуми. Тензиите меѓу Израелците и Палестинците се зголемија во изминатата година бидејќи израелската војска апси осомничени екстремисти речиси секоја ноќ за серија смртоносни палестински напади.