Коцевски: Доказите за убиството на Вања се собрани, се чека екстрадиција на осомничените од Турција

Државниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека во својата кариера како обвинител истражувал многу кривични дела, но никогаш не видел убиство како она на Вања Ѓорчевска.

Тој се надева дека наскоро од Турција ќе биде екстрадиран осомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жезовски, Љупчо Палевски.

„Во моето долгогодишно искуство можам да кажам дека сум имал 50-60 вакви случаи, за жал, но ова е особено тешко убиство. Истрагата опфаќа пет лица кои се осомничени. Доказите се обезбедени, имаше обдукција, се оди во прилог на фактичката состојба што ја констатира Обвинителството, чекаме екстрадиција на лицето што го споменавте Палчо и мислам дека наскоро ќе биде екстрадиран од Р. Турција. Нашата работа е завршена, останува само екстрадицијата“, рече Коцевски.

За документацијата на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и објектот во кој се наоѓало, Коцевски рече дека го потпишал раскинувањето на договорот за закуп на објектот. Во изминатиот период просторот го користеа само двајца обвинители кои беа дел од СЈО.

Тој додаде дека сите материјали за предметите по кои работел СЈО се предадени на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Пренесени се и материјалите од прислушуваните разговори кои беа повод за формирање на тогашната СЈО.