На Кастиљо ќе му плаќаме наем за топланата на „Водно“

Жителите на Водно, чии радијатори останаа ладни неколку дена по почетокот на грејната сезона, открија сомнителна продажба на топланата на Водно.

Договор падна, жителите добија парно, но според договорот, граѓаните ќе треба да му плаќаат наем на контроверзниот бизнисмен со јужноамерикански врски Ангел Антониот Кастиљо Родригез.

Тој ги држеше „вентилите“ откако фирма поврзана со неговото семејство ја купило топланата на „Водно“ за двојно пониска цена од онаа на којашто била проценета.

Додека тој е во Јужна Америка, ЕСМ дистрибуција со денови не можеше да влезе во топланата на Водно за да направи подготовки за грејната сезона бидејќи новиот сопственик не им дозволуваше.

Топланата каде што поминуваат клучната топловодна мрежа од лани е продадена на фирма на семејството Кастиљо, па сега тој треба да покаже добра волја за жителите на Водно да имаат парно до крајот на грејната сезона.

Стечаен управник на „АД Топлификација“ е Богољуб Макревски, кој го продал имотот врз основа на одлука на Одбор на доверители и претходно извршена проценка на имотот.

Во телефонски разговор за „Фокус“, Макревски вели дека објектот бил продаден на јавно наддавање и со согласност на ЕСМ дека ќе ја дислоцира топловодната мрежа.

Тврди дека мрежата не била ставена на продажба, а ЕСМ, според неговото кажување, дури и му доставиле скица за дислокација и дека тоа би се направило лесно.

Таму имало пумпи кои работеле на струја и новиот сопственик за тоа плаќал струја.

Според неговото кажување, сега не се знае кој стопанисува со топловодната мрежа, порано била БЕГ, па Град Скопје кое формирало ново претпријатие кое никогаш не профункционирало, а сега официјално со мрежата стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Нему му е најважно што ЕСМ и Кастиљо постигнале договор и дека парно има.

Во 2018 година, Град Скопје, преку новоформирано претпријатие Градски енергетски системи, се обиде да ја преземе топловодната мрежа од тогашниот управувач „Балкан енерџи груп“, но до денес сѐ уште не е до крај јасно кој стопанисува со оваа мрежа.

Според последно објавените податоци од Регулаторната комисија за енергетика, последно со мрежата стопанисува АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен просто.

Претставникот на Здружението на граѓани акционери во Топлификација и човек што со години беше познат како директор на компанијата, Димитар Хаџимиешев, пак нѐ упати за продажбата на овој објект да се обратиме кај стечајниот управник, Макревски.

Од ЕСМ дистрибуција не одговорија на прашањата на „Фокус“ каков договор постигнале со Кастиљо за да им пушти парно на жителите на Водно, дали се договориле да плаќаат наем за користење и ред други прашања што произлегоа.

Соработничката на Кастиљо, Невена Димковска ни кажа дека во петокот попладне, екипи на ЕСМ дистрибуција и претставници на Кастиљо потпишале договор за непречен приод до агрегатите и до другата опрема што е во негова сопственост.

Според неа, во договорот пишувало дека сега ЕСМ требало да си направи дислоцирање на мрежата.

На нашето прашање колку пари сега треба да им плаќа ЕСМ за наем, соработничката на Кастиљо не сакаше да каже, рече дека тоа била симболична, минорна сума.

Но, според нашите неофицијални информации, ЕСМ ќе треба да плаќа 5.000 евра месечно како наем за земјиштето, иако топловодната мрежа е јавен интерес.

Наспроти тврдењата на стечајниот управник, според нашите неофицијални информации, ЕСМ не дале согласност за продажба и дека за тоа имало документ, а сега треба да платат милиони за дислокација на мрежата.