Европската унија се надева дека ќе ги реши сомнежите за користењето на руските средства за Украина.
Лидерите на Европската унија ќе бараат „решителен напредок“ на нивниот состанок на крајот на октомври кога станува збор за користењето на приходите од руските средства, замрзнати поради санкциите, како помош за Украина, се вели во нацрт-комуникето што го виде Ројтерс пред самитот во Брисел.
Прашањето, чие решение е во застој со месеци, треба да биде разгледано на состанокот на националните лидери на блокот на самитот во Брисел на 26 и 27 октомври.
Соединетите држави и Велика Британија минатиот месец сигнализираа поддршка за планот на Европската унија за оданочување на неочекуваните профити од замрзнатите руски државни фондови, кои ќе се користат за финансирање на војната на Украина против Русија.
Министрите за финансии на земјите од Групата седум (Г7), кои се состанаа вчера во Мароко, ја проценија вредноста на тие замрзнати средства на околу 266 милијарди евра .
Како што е наведено, се очекува повеќе работа во наредните месеци со цел да се изнајдат законски правилни начини за користење на споменатите средства за помош на Украина.
Работата на 27-те земји-членки на Европската комисија по овие прашања постојано се одложува поради правни сомнежи, особено откако санкциите за приватното руско богатство беа оспорени пред судовите.