34 физички и 3 правни лица досега се вклучени во две истраги на Обвинителството за трагедијата во дискотеката Кочани, каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 други беа повредени. Од обвинителството информираат дека истрагата на 11 обвинители продолжува. Се очекува да бидат сослушани околу 300 сведоци, а во Кочани продолжува собирањето докази, а продолжува и вештачењето од различни области.
„Јавниот обвинител Љубчо Коцевски побара ефикасна и комплетна истрага од именуваните обвинители, која детално ќе го испита секој аспект и насока на одговорност за трагедијата во Кочани“, соопшти Основното јавно обвинителство.
Сепак, сè уште не е познато колку длабока и широка истрагата може да оди и да се прошири.
Сите осомничени се товарат дека во периодот од 2012 година до кобното утро на 16 март, колективно, но секој во свои услови, овластувања и одговорности, не постапиле согласно одредбите за заштита и со тоа предизвикале опасност од поголеми размери по животната средина, животот и имотот на луѓето.
Во временската рамка 2012 – 2025 година е вклучено и времето кога функционирала дискотеката „Пулс“, а за ова одговараат тројцата градоначалници на општина Кочан кои ја извршуваа оваа функција. Според Обвинителството дозволиле клубот да работи иако не ги исполнувал условите.
Но, Обвинителството засега од засега непознати причини не ги зема предвид временските околности на други осомничени, на други нивоа на власт. Виновниците, засега, се бараат само меѓу оние кои беа на функција во 2021 и 2023 година, кога веќе изгорениот клуб и покрај тоа што не ги исполнуваше условите, доби дозвола за работа.
На пример, од 2012 до 2025 година, функцијата министер за економија ја имаа Ваљон Сарачини, Беким Незири, Дритон Кучи, Крешник Бектеши и неодамна Бесар Дурмиши. Во истрагата е вклучен само Бектеши, бидејќи во негово време биле доделени двете дозволи за кабаре, кои според Обвинителството биле добиени со поткуп. А за ова осомничени се тогашниот државен секретар заедно со уште тројца вработени.
Беким Максути ја извршуваше функцијата директор на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот 2020 – 2024 година или токму во периодот кога „Пулс“ ги доби лиценците. За ова тој е повикан на одговорност. Но, не се знае дали истрагата ќе се прошири и на претходните директори Шабан Салиу и Аднан Џаферовски, кои беа на функција од 2012 година кога кабарето работеше без лиценца, ниту дали Џеват Селами ќе одговара како директор, во чие време се случи трагедијата.
Во периодот кога работеше „Пулс“ имаше вкупно 9 директори на Пазарниот инспекторат, но засега само Горан Трајковски и 3 инспектори одговараат за неизвршување на инспекциски проверки во периодот од 2020 до 2025 година.
За давање дозвола на дискотеката, Обвинителството бара одговорност од 7 високи полициски службеници од Штип и Кочани. Сепак, не се знае дали ќе одговараат и другите полициски претпоставени кои служеле низ годините. Обвинителството, засега, не гледа одговорност, ниту кај првиот човек на МВР, Панче Тошковски, ниту кај шесте претходни министри кои ја извршуваа функцијата во периодот на работење на „Пулс“.
Во медиумите се покрена и прашањето за потенцијална одговорност на функционери од Управата за јавни приходи. Сомнежите се дека УЈП го затвори кабарето на крајот на 2024 година откако утврди дека не се издадени фискални сметки, но кабарето продолжи да работи без да ја плати казната. Но, Обвинителството сè уште не утврдило одговорност.