НА ЈАПОНСКИОТ БРЕГ НАЈДЕНА МИСТЕРИОЗНА ТОПКА! Полицијата ја опколи областа (ВИДЕО)

Огромна метална топка е пронајдена на брегот на Јапонија, која го збуни населението и предизвика низа акции на властите.

Засега се уште не се знае за што точно се работи, одговор на тоа прашање немаат ниту полицијата, ниту специјалистичката екипа за експлозивни направи, кои веднаш биле испратени на местото на настанот.

Она што е познато е дека овој мистериозен објект е шуплив и не претставува никаква закана. Многумина претпоставуваат дека се работи за некаква пловка, пишува Би-Би-Си.

Топката е со дијаметар од 1,5 метри

Јапонската телевизија NHK објави видео на кое се гледаат двајца службеници на брегот на градот Хамаматсу како ја прегледуваат сферата со дијаметар од околу 1,5 метри. Прв ја забележал локален жител кој веднаш ја известил полицијата. Надлежните ја опколиле областа и направиле рендген снимка, која само открила дека објектот не претставува опасност за јавноста.

Локалните власти најавија дека наскоро ќе го отстранат објектот. Таквата мистериозна топка веројатно немаше да предизвика паника под некои други околности, но Јапонија денес, без врска со овој настан, изрази загриженост за наводните кинески шпионски балони кои биле забележани над нејзините територии во најмалку три наврати од 2019 година. Пекинг ги негира тврдењата за шпионажа.