КАРИМ БЕНЗЕМА пред дваесетина дена беше претставен како нов играч на Ал Итихад од Саудиска Арабија. Тој потпиша двегодишен договор со опција за продолжување на уште една година, а годишно ќе заработува 200 милиони евра нето плата. Францускиот напаѓач и официјално го комплетираше трансферот од Реал Мадрид во Саудиска Арабија.
На Бензема, кој мина 14 сезони во Реал, му истече договорот, па како слободен играч се пресели во саудискиот клуб. Но, според шпанскиот новинар Роман Молина, Ал Итихад решил да направи потег без преседан. Имено, иако Бензема имал целосно право да дојде кај нив бесплатно, Молина наведува дека Саудијците сепак платиле отштета на Реал.
Бројката не е наведена, но покрај неа се користи описот „не е преголем, но овој вид на потег е без преседан“. Некои медиуми веста ја пренесуваат како џентлменски потег од клубот, а други тврдат дека тоа е еден вид компромис. Саудијците побараа од Реал да не го убедува францускиот напаѓач да остане, а за возврат добија отштета на која немаа право.