НЕЗАКОНСКИ РАЗРЕШЕНАТА ВЕСНА ДАМЕВА СЕ ВРАЌА НА ЧЕЛО НА СУДСКИОТ СОВЕТ – Претседателот Сашко Георгиев си поднесе оставка

Судскиот совет денес на итна седница го прифати барањето за оставка на претседателот Сашко Георгиев, а согласно пресудата на Управен суд, одлучи да ја врати на функција поранешната претседателка Весна Дамева, која беше разрешена во мај минатата година.

Сашко Георгиев во своето излагање на денешната седница, покрај ретроспективата за неговото назначување и искуството како претседател, нагласи дека неговото назначување воопшто не е дел од пресудата на Управен суд.

Вчера ја добивме одлуката од Управен суд. Сметам дека е потребно да истакнам дека мојот избор за претседател не е воопшто предмет на оваа пресуда“, истакна тој.

Дополни дека немал никакви притисоци и влијанија, и како што кажа – „исклучително совесно, професионално и одговорно работев и го претставував Советот“.

Сум можел и сме можеле уште многу повеќе и многу подобро“, вели тој.

Заменик-претседателот на Судскот совет, Ханиф Зендели, по неговото излагање констатираше дека нема потреба од расправа бидејќи станува збор за барање за оставка и посочи дека на Сашко Георгиев му престанува мандатот со денешниот датум.

Останува како член да ја извршува својата обврска додека му трае мандатот“, вели тој.

Во однос на точката за постапување по пресудата од Управен суд со која се поништува одлуката на Судски совет за разрешување на поранешната претседателка, Весна Дамева, Ханиф Зендели констатираше дека имајќи ја предвид оваа пресуда, останува во сила одлуката за избор на Весна Дамева за претседателка.

Имајќи ја превид пресудата на Управен суд, констатираме дека донесената одлука останува во сила одлуката на Судски совет за избор на претседател Весна Дамева од 5.12.2022. Од сега натаму претседател на Судски совет е Весна Дамева“, истакна тој.

Седницата следува по денешниот работен состанок на Советот на кој беше разгледана пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на Весна Дамева.

Управниот суд денес ја објави пресудата во која меѓу другото е наведено дека Судскиот совет не дал никакви образложени причини поради кои ја разрешил од функција поранешната претседателка Весна Дамева, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на Одлуката за нејзиното разрешување.

Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во мај минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.

Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот.