Неиздавањето на еврообврзницата е од процедурални причини и нема негативно да влијае врз кредитниот рејтинг на државата, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека неиздавањето на еврообврзницата поради непотпишувањето од страна на министерот за правда кој е во оставка, не може негативно да влијае врз кредитниот рејтинг на државата. 

Ковачевски денеска изјави дека неиздавањето на еврообврзницата е од процедурални причини и дека не сакале да прават прекршување на постапката бидејќи министерот бил во оставка. 

– До изборот на новиот министер, не сакавме да правиме прекршување на постапката. Вчера инвеститорската јавност беше информирана. Постапката ќе биде повторена и успешна штом ќе биде завршена реконструкцијата на Владата, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на градинката „Сонце“ во населбата Волково. 

Оценката на директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово, Масимилиано Паолучи е дека постојат доста ликвидни средства на пазарот коишто може да се искористат на соодветен начин.

Со издавањето на еврообврзницата, државата требаше да обезбеди 600 милиони евра коишто требаше да бидат искористени за отплата на стари долгови и еврообврзница што доспеваат годинава. Министерството за финансии вчера соопшти дека целата постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда. 

– Веднаш по изборот на новиот министер за правда ќе се одржи нова аукција. За ова банките-агенти што посредуваа при издавањето на еврообврзницата ќе ги информираат инвеститорите, кои при минатата аукција имаа 2,5 пати поголем интерес во однос на понудената сума, како резултат на довербата во добрите економски политики,  информираше Министерството за финасии.