Вучиќ: Ќе одам на безбедносната конференција во Минхен, Курти таму да не прави што сака

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека ќе учествува на безбедносната конференција во Минхен, која ќе се одржи од 7 до 19 февруари, а на која ќе учествуваат лидерите на најважните земји во светот.

Оваа изјава Вучиќ ја даде за српската телевизија „Пинк“, по протестот на проруските десничари во Белград.

„Ни претстои тежок период, во петок ќе бидам во Минхен каде ќе разговарам со лидерите на најважните земји во светот. Тоа се тешки средби, но морам да одам Курти таму да не прави што сака“, нагласува Вучиќ, пренесува Телеграфи.

Потсетуваме, српскиот претседател вечерва им се обрати на граѓаните откако екстремистите на протест во центарот на Белград се обидоа да влезат во Претседателството и му се заканија на Вучиќ по живот.

Вучиќ рече дека државата нема да дозволи насилство и ќе дејствува веднаш откако десничарските демонстранти се обидоа да влезат во српското претседателство.

Според српските медиуми, по протестот на проруската десница во Белград, Вучиќ одржал состанок со безбедносните служби.

„Државата нема да дозволи бандитите и екстремистите, со помош од надвор, било од Запад или од Исток, да го загрозат уставниот поредок“, рече тој.

Вучиќ не даде повеќе детали на оваа тема.

Српските десничари се собраа во Белград на 15 февруари за да протестираат против српските власти и дијалогот со Косово со посредство на ЕУ.

На овој протест организиран од екстремно десничарската организација „Народна патрола“ беа видени и симболите на руската платеничка група Вагнер. Демонстрантите скандираа и навредливи пораки кон српскиот претседател Александар Вучиќ.

Припадниците на српската жандармерија ги спречија десничарите да влезат во зградата на Претседателството на Србија.