Забраната за сладолед по полноќ наскоро ќе се дискутира во Милано во обид да се заштитат „мирот и спиењето“ на жителите.
Имено, за многу Италијанци уживањето во сладолед доцна навечер е дел од културата, но тоа би можело да се промени поради предлогот на новата уредба. Локалната власт поднела предлог за документ, а доколку биде усвоен, веќе следниот месец може да доведе до забрана за продажба на сладолед по полноќ, пишува The Guardian.
Уредбата ќе ја забрани продажбата на готова храна, вклучително и пица и пијалоци, по полноќ во обид да ги спречи бурните групи што се собираат на улиците на италијанскиот град. „Целта е да се најде баланс помеѓу дружењето и забавата и мирот и спокојството на жителите“, рече Марко Гранели, заменик градоначалник.
Предлогот ќе стапи на сила од средината на мај и ќе трае до ноември. Забраната ќе започне во 12:30 часот во работните денови и во 01:30 часот за време на викендите и државните празници, а ќе се однесува само на тераси или маси на отворено.