„Неприфатливо е незаконска конфискација на руски имот“

Москва не прифаќа незаконско одземање на руски имот и го смета за исклучително штетно за глобалниот финансиски систем, изјави портпаролот Дмитриј Песков, пренесува Тасс.

„Незаконската конфискација на нашите многубројни средства е редовна тема на разговор и во Европа и во Америка. Оваа тема е неприфатлива и потенцијално крајно штетна за глобалниот финансиски систем, бидејќи доколку таквите идеи се спроведат, тоа ќе биде голем удар практично за целиот меѓународен финансиски систем“, рече тој.

Тој додаде дека Русија „никогаш нема да ги заборави“ оние кои се обидуваат да започнат, но и оние кои го спроведуваат процесот на конфискација на рускиот имот.

„Русија ќе го искористи своето право на правна постапка, меѓународна, национална и друго“, додаде Песков.

Портпаролот на Кремљ истакна дека Европа и Соединетите Американски Држави се свесни дека незаконското одземање на рускиот имот „ќе има правни последици за оние кои го иницирале и спроведоа“.

„Ако некој ни одземе нешто, ќе видиме што можеме да одземеме како одговор“, рече Песков.

Претходно, координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби изјави дека САД разговараат со своите сојузници за потенцијалната улога на Русија во обновата на Украина.

Цитирајќи неименувани извори, „Њујорк тајмс“ во четвртокот објави дека Белата куќа „сигнализирала“ дека се согласува со користењето на руските средства, имајќи предвид дека се повеќе конгресмени се залагаат за закон што ќе го дозволи тоа.

Соединетите Американски Држави вршат притисок врз Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Канада и Јапонија да ги претстават своите планови на оваа тема до 24 февруари, кога ќе биде двегодишнината од почетокот на руската инвазија на Украина. По почетокот на руската инвазија, Европската унија и земјите од Г7 замрзнаа речиси половина од девизните резерви на Русија – околу 300 милијарди евра.