Нетанјаху: Израел ќе ја задржи контролата врз безбедноста на Газа по војната

– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека израелската војска ќе ја задржи контролата врз безбедноста на Газа по војната, отфрлајќи ја можноста таа одговорност да ја препушти на меѓународните сили.

Говорејќи на прес-конференција по состанокот на неговиот воен кабинет, Нетанјаху рече дека Газа „мора да се демилитаризира“ по завршувањето на војната.

„И за да може Газа да се демилитаризира, има само една сила која може да води грижа за оваа демилитаризација – а таа сила се ИДФ“, рече тој мислејќи на израелската војска, и додаде дека „ниту една меѓународна сила не може да биде одговорна за ова”.

„Видовме што се случи на други места каде што донесоа меѓународни сили со цел демилитаризација. Не сум подготвен да ги затворам очите и да прифатам друга опција.“

Истакнувајќи дека израелската Армија ги проширила своите операции во јужниот дел на Појасот Газа, Нетанјаху рече дека Армијата извршила опсада и на градовите Џабалија и Хан Јунис, додавајќи дека „нема место до кое не можеме да стигнеме“.

Израелскиот премиер го повика цивилното население да ги напушти областите во кои израелските сили се борат против палестинската група Хамас.

„Одовде им порачувам на нашите пријатели во светот кои притискаат за брз крај на војната: Наш единствен начин да ја завршиме војната, брзо да ја завршиме, е да извршиме разорен притисок врз Хамас – и да го уништиме“, додаде Нетанјаху.

Израел ја продолжи својата воена офанзива во петокот на палестинската територија по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза со Хамас.

Најмалку 16.248 Палестинци загинаа, а над 43.616 се ранети во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври по прекуграничниот напад на Хамас.

Според официјалните податоци, билансот на жртви во нападот на Хамас во Израел изнесува 1.200.