Израел нема намера да им ја предаде Газа на Палестинците кога ќе заврши војната, изјави во саботата вечерта премиерот Бенјамин Нетанјаху, отфрлајќи го американскиот притисок да го стори тоа. Нетанјаху е на мислење дека палестинската управа во нејзината сегашна форма не е во состојба да преземе одговорност за Газа.
„Откако се боревме и го направивме сето ова, како можевме да им го предадеме?“, праша тој, истакнувајќи дека, според него, претседателот на палестинската управа Махмуд Абас допрва треба да го осуди масакрот на 7 октомври што ја предизвика војната во Газа, каде Хамас уби повеќе од 1.200 луѓе и презеде 239 заложници.
„Абас, 43 дена по најтешкиот масакр на Евреите по Холокаустот, одби да го осуди“, рече Нетанјаху, додавајќи дека има палестински министри кои го слават настанот.
Тој вели дека Палестинците имаат политика на исплаќање месечни стипендии на терористите и нивните семејства, додавајќи дека тие исто така „ги едуцираат своите деца да ги мразат Евреите“.
Тој потсети дека по повлекувањето на ИДФ од Газа во 2005 година, им ја предаде таа територија на Палестинците, кои потоа беа соборени од Хамас со насилен државен удар во 2007 година.
„Палестинците веќе беа таму, го добија Појасот Газа и што се случи? Тие беа уништени и протерани од таму за помалку од една година“, рече Нетанјаху, додавајќи дека „тука мора да има промена“.
Нетанјаху го изјави ова откако американскиот претседател Џо Бајден објави став во Вашингтон пост во кој се залага Палестинците да се вратат на власт во Газа.