Нетанјаху прогласи „историска победа“; Иран објави крај на војната

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес прогласи „историска победа“ по 12 дена војна против Иран и му се заблагодари на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за „одбраната“ на Израел.

„Израел никогаш немал пријател како претседателот Трамп во Белата куќа и му се заблагодарувам многу за нашата заедничка работа“, рече Нетанјаху, неколку часа откако Трамп го критикуваше Израел за кршење на примирјето со Иран.

Нетанјаху рече дека американските сили го „уништиле“ подземниот објект за збогатување ураниум во Фордо, додавајќи дека израелските и американските сили „ја испратиле нуклеарната програма на Иран во пропаст“.

„Доколку некој во Иран се обиде да ја обнови таа програма, ние ќе дејствуваме со истата решителност, со истата сила, за да го спречиме секој таков обид.“ Повторувам – Иран нема да има нуклеарно оружје“, рече Нетанјаху во видео објава.

Нетанјаху додаде дека Израел ја уништил иранската програма за производство на балистички ракети и поголемиот дел од неговите системи за лансирање, нанесувајќи „разорни удари на самиот злобен режим“.

Тој, исто така, го пофали нападот врз Иран рано утрово, пред да стапи во сила прекинот на огнот, што го налути американскиот претседател.

Израелскиот лидер додаде дека земјата мора да го победи Хамас и да ги врати заложниците од Газа, нагласувајќи дека Израел ќе отвори „оска на просперитет и мир за луѓето од регионот“ и пошироко, откако ќе ја ослабне „оската на злото“ на Иран.

Пажешкијан: „Крајот на војната“

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес објави крај на 12-дневната војна против Израел, јавува иранската агенција Ирна.

„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, чија решителност создава историја, сме сведоци на воспоставување примирје и крај на оваа дванаесетдневна војна наметната од (израелските) авантуризам и провокации“, рече Пезешкијан во порака до иранскиот народ.

Тој нагласи дека почнувајќи од денес, сите владини агенции, министерства и институции ќе ги фокусираат своите напори на прашањето за санација и надомест на штетите, одржувајќи ја подготвеноста и дека ќе работат на нормализирање на сите активности низ целата земја.

Пезешкијан, исто така, рече дека за време на конфликтот, светот „ја почитувал авторитетот на големиот Иран, кој уживал поддршка од својот народ“.

„Длабоко веруваме дека оваа победа е последица на единството, мирот и кохезијата што се манифестираа во овој период. Мора да се обидеме да ја продолжиме оваа драгоцена хармонија, што е најголемата предност на нашата земја“, истакна Пезешкијан.

Тој рече дека иницијатор на „наметнатата војна“ бил Израел, кој го извршил „овој терористички напад“ под повторени лажни изговори.

Тој додаде дека нападот на Израел се совпаднал со дипломатските напори на Иран да ги отстрани сите недоразбирања преку тоа што ќе биде на преговарачката маса.

„Историјата нема да го заборави кршењето на ветувањата и договорите од страна на непријателите на нашиот драг Иран, кои прибегнаа кон агресија и инвазија за време на преговорите“, рече Пезешкијан.

Тој изјави дека, иако имало загуба на животи и штета на инфраструктурата во Иран, штетата што ја претрпел Израел, како што рече, спротивно на сериозната пропаганда и медиумската цензура, била „надвор од секоја замисла“.

„Падот на лажната непобедливост на ционистичкиот режим и неговите сојузници и огромниот обем на уништување и разрушување на важни згради и центри на окупаторскиот режим му пренесоа на светот важна порака дека цената на авантуризмот против големата земја Иран е многу ужасна“, рече Пезешкијан.