Не бараме ништо повеќе од она што ни следува – права како мажите и еднакви можности, порача Тренчевска

– По закон немаме дискриминација. Дискриминацијата е поради стереотипите што постојат во општеството и за кои ни е потребен закон со кој ќе работиме на надминување на стереотипите и предрасудите поврзани со улогата на жената и на мажот во општеството, порача вечерва министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

-Нема да го коментирам „писанието“ на владиката Петар затоа што во статусот на мојот фејсбук профил, приватниот профил, одговорив тоа што треба да го одговорам и за кое цврсто стојам, дека живееме во демократија, а не во инквизицијата. И дека жените треба да бидат во своите права исти како и мажите и не бараме ние ништо повеќе од она што ни следува, туку бараме права како мажите и еднакви можности. Еднаквите можности се и во делот на вработувањата, на позиции кои се високо платени, позиции кои го создаваат тој родов јаз во платите меѓу жените и мажите, рече министерката Тренчевска во гостување на ТВ Телма. 

Потенцира дека по закон не смее да има дискриминација во платата на жените и мажите, а по сектори жените најчесто се вработени во текстилната индустрија, во детска заштита, здравство, образование…

Порача дека треба да постојат квоти, правила се додека не се подигне свеста кај граѓаните дека тоа е неопходно.

– И без постоење на квота ќе бидат поставувани жени за пратенички, за градоначалнички, за министерки или на други важни позиции, носителки на одредени функции, појасни министерката.

Според неа, мора да се работи на политики кои ќе овозможат еднакви можности на жените и на мажите во општеството. Кај девојчиањата и кај девојките да се подига свеста за да се запишуваат на факултетите кои овозможуваат повисоки плати, ИТ-секторот., посочи Тренчевска.